Feed on
Posts
comments

Со изминувањето на времето, се’ повеќе и повеќе сфаќам дека топло чоколадо всушност е еден од главните кривци за поттик на моето јаство да почне да создава записи.

Ми фали старата голема соба. Ама понекогаш и не ми фали, зошто оваа другава е нова и во форма на четвртина бурек.

Не ми фалат некои случки и луѓе; Баш ми е драго што засекогаш ги нема. Друг пат ќе носам двоглед и рефлектор со себе на улица за случајно да не препознаам нормален човек во некој тотален идиот/тотална идиотка или дегенерик, сеедно.

Дел од мојата инфантилност испари. Ни таа не ми фали. Ми создаваше само вишок заблуди и мини проблеми на секојдневен план – како и онака да ги немам доволно. Можеби има некаква врска со стабилизирање на хормони. Или обратно од тоа.

Луѓе многу лесно можат во мојот чуден хумор и цинизам да се пронајдат себеси и длабоко да бидат навредени. Ама јас не навлагам во тоа – кој си ја има мувата на капата, ја ишка до степен на самоубедување дека некој навистина толку интензивно би се оптеретувал со нивната животна приказна и пат. Никој до сега не бил спомнат ниту пак сум имала намера да биде спомнат во моите приказни, нели, заради тоа и се викаат приказни? Бајки, Сказни. Измислени сегменти од мојот имагинарен свет од типот на –  Си била една куќичка. Во куќичката имало штрумфови, а во штрумфовите имало шумичка. Во шумичката исто имало штрумфови и куќичка. Таму некаде сме сите ние, во некоја од куќичките, штрумфовите или шумичките, сеедно. Важно е дека сите за секого се’ знаат, дури и тоа да не се случило, важното е да се биде во тек со сказните. Та и тие се вистински во нечиј имагинарен свет, нели.

Свински црева.

Ма гајле ми е, јас си имам љубов до небото и назад.

А знаете дека ја мереле должината на човековите црева и истата се испоставило дека достигнува до месечината?

Значи, и во свинските црева има интензитет, колку што има во мојата љубов! Не е важно дали сакаш да сакаш, или пак сакаш да кокодакаш, се’ додека е вложено љубов и внимание во она што го правиш….лека ноќ.

baman

...Shall we?

 Не  сакам да ве прелажам со приказни за минатото или иднината, бидејќи се неконзистентни за оваа димензија само на простор – време со која располагаме. Никогаш нема потреба да се бара гледалото зад огледалото и сублиминал во нечиј текст и вон вистинскиот конекст, бидејќи, ако навистина сакаме да станеме едно со моментот, со делото чија содржина ја  апсорбираме или со местото и настанот кои ни ги допираат сетилните рецептори, треба само да престанеме да бидеме она што сакаме и да го видиме она што бидува од нас  само од себе под природното дејство на нашите опкружувања; без разлика дали станува збор за патот кој го одиме, воздухот кој го дишеме, или суштествата со кои се дружиме – се’ тоа придонесува  за пркнувањето на едно никулче од душа да се случи и да патува во онаа насока во која посакува, без ограничувања и потсевсни наредби произлезени од егото  и стравот…Само, треба прво стравот да се запознае…Приказна за исчекувањето, стравот од вистина, каењето и ефектот на една малечка итра пеперутка…

 

 

1/1. И така тие си живееја среќно…..

Утрото кога ја отворија вратата, видоа мало беспомошно девојче во школска униворма и зелена коса. Не, не беше беспомошно, така само изгледаше. Околу неа имаше розеви потпетици, перики, чипкани сини корсети и искинати портокалови хулахопки. Девојчето имаше огромни мачкини сини очиња и бледо лице, мало носе и слаби ноџиња, црни лакирани кондурчиња и нежни прсти. Изгледаше како да ќе се онесвести во секој момент, иако жарот во очите и се ширеше по целиот шпајз. Гледаше во нив неуморно, иако по малку уплашено. Одбиваше да се помрдне, остана така да седи склупчена на корсетите и хулахопките, одвреме навреме поднаместувајќи си ги ригастите сино – црвени чорапи до коленици. Не кажа ни збор; само гледаше. Откако престанаа да и бидат шармантни, почна да го насочува погледот бледо низ горните полици од шпајзот. На најгорната имаше неколку од оние морничавите играчки – џуџиња на Дедо Мраз, кои изгледаат како да ќе проодат во секој момент. На подолните рафтови имаше виски, чадор, луле, неколку чаши со логоа од познати фирми и расипани делови од компјутер. По се’ делуваше како за прв пат да се наоѓа таму. “Знам дека е рано да и кажеме, ама не знам уште колку време ќе има на располагање…” .. “Немој да претеруваш, не и е ништо, само мал шок” … Двете силуети кои ја отворија вратата од шпајзот, ја беа подзатвориле и шпајзопрестојувачот со начулени уши се обидуваше да наслушне што зборуваат. Ушите и беа толку затнати од синоќешното нуркање, што двај наслушнуваше полупроголтани самогласки како се губат во тунелот од вода што и беше  сместен во ушните шуплини. Уморна беше, ама многу. Требаше да ја има досега преминато оваа зграда и да автостопира за следната дестинација. Се чудеше како да им побегне на непознативе натрапници  кои очигледно ја третираа како загубено кутре. Се наоѓаше во зграда на болница,  во која беше завршила откако трчајки преку ридот за да се скрие од полицијата, се пикна во првото нешто што изгледаше доволно цврсто за да не може низ него да пројде полициска кола. Полицијата ја гонеше бидејќи мислеа дека е едно деликвент  – девојче од околното средно училиште,  поради облеката и зелената коса. Таа  ги имаше облечено тие алишта бидејќи вчера беше први април.Од синоќешната забава на која полицијата се помеша со идентитетот на девојчето, до ова утро, таа  успеа да склопи око едвај два часа.
А, не беше некое ексцентрично дете. Во животот неостварена желба и беше да се научи да готви лазања и да отвори бизнис со гоблени. Совршениот маж за неа беше оној кој ќе и го скрши срцето и потоа ќе ја остави вдовица бремена со некое, уште поглупаво од неа девојче. Како мала сакаше да прави кафе за гостите и да ги промешува шпаѓетите во тенџерето. Сега, кога веќе наврши дваесет, повеќе не сака да прави кафе, но екстремно многу сака да чисти по нејзините  и да се прибира дома тогаш кога ќе и кажат.
Се реши да излезе  од шпајзот тогаш кога на гласовите дефинитивно им здосади да си прават муабет пред врата и се беа оддалечиле во некоја збуфтана, смрдлива пушална. Одеше по морничаво – белите ходници што смрдат на дрен и полуумрени старци најбрзо што може, без притоа да биде од некого застаната или приметена. Веќе кон излезот беше готова да трча,  а само што почна, една злобна, злобна дрвена даска која  беше на патот ја сопна и и го претвори носот во збумбарен модар патлиџан. Веќе започна да  цимолка и  да се лигави. Се бришеше од ракавот и се прашуваше уште колку ли години ќе остане со збумбарен нос и девица, додека полека си ги прибираше од земјаработите кои и паднаа од торбата. “Ќе си умрам млада”…Си го изусти повеќе за себе.
“Извини, ќе може да си го добијам назад лсионот за бричење?” – Се јави едно гласче на момче. Очигледно, во сето безсознание, таа не беше приметила дека уште некој истовремено бил жртва на даската – сопнувач. Ја поткрена  својата бабуресто – носеста бидност накај гласот и погледна лице со ОГРОМНО синило околу едното око. Претежно тоа само можеше на лицето да му се примети поради големината на модрицата. “Да…Извини…Еве…” му пробамбори таа за возврат.
Десет минути по познанството,  домарите и неколку од болните лица почнаа да се бунат како им тропа некој од шпајзот. “Дечишта неваспитани, да се немало усул, тука ли најдоа,” беше коментарот на еден чичко кој проаѓаше покрај шпајзот од кој доаѓаа звуци слични на оние кога зајци се парат. Вознемирувањето на мирот, секако, траеше нешто помалку од пет минути.
“Се викам Адам, инаку,  и за пола саат треба да одам за Америка на магистерски. Можеби ќе се  сретнеме наоколу,некогаш.”
“Јас сум Веда… ”
“Ајде Веда, здраво…”
…Речиси и да го сретна мажот од сништата. Ја остави бремена, никогаш не се јави, и прати разгледница и розеви, невкусно издекорирани вештачки цвеќиња.

1/2.И така тие си подготвија замка…

Зоја,  По неколкудневното престојување дома, истражување на депресивните катчиња по собата и збирање заборавени касети и плочи,успеа да си го стивне делириумот. Немаше веќе потреба да живее, доволно беше само да пие…лимонада. И се јави некој, и рече дека нема да има време да дојде кај неа на чај во толку и толку часот попладне. Се’ беше во ред со информацијата, само што таа немаше поим кој ли по ѓаволите беше тоа.  И онака не и беше нешто многу гајле.  Сабота е денот кога  не се бере гајле за апсолутно ништо освен за хранење на миленици. И онака оние гускине на работа и се утепаа од  квакање како не било прикладно да се има тетоважа на такво место (аман, рака). А што знаат тие, освен битолчански нагласок. Со малку штипски и беровски,  во зависнст од тоа кого газдата плеска тие недела дена пробно.  “Еден ден ќе ти се исплати да живееш кај мене во село”, и викаа некои од офците на работа додека таа си помислуваше “Апсолутно ќе ми се исплати и да ви ги секнам тоа кралските имоти каде мајките и татките ви  прават и перат пари од невидлива прашинка, ти ебем тоа пачавричињата”.  Телефонот повторно заѕвоне. Таа беше отидена во веце да си ги става остатоците од зеленчуковата салата како фацијална маска. Пцуејќи тргна накај слушалката и одлепи едно камионџиско  “А.” ….Тишина.  Си помисли дека е пак некој од синовите на комшијата што  немаат попаметна работа од тоа да тормозат “тетки” на работ на нервен слом. Очигледно не беше никој, бидејќи по половина минута зборење во слушалката како лудак, никој не се одзва назад. “Добро е,” си помисли, “Нема да мора уште една сесија ставање маска за лице да одложувам за да слушам 5  минути како ми го дрви старата да јадам повеќе манџа” – и само што ја спушти слушалката (која беше една од оние слушалки на старовремски телефони што имаат бројки за бирање во круг и на кои фаќа цела вечнст дури се сврти бројот), масичката заедно со телефонот на неа се струполија на земја и vintage телефонот отиде по ѓаволите. “Не работи, у пичку материну.” Сеуште пцовките беа само  зборови а нервозата непостоечка. Го погледна телефонот така струполен со сите негови делови на земја заедно со распаднатите дрвца од масичката. Беа испопаѓале по персискиот теписон  – предвремен  подарок од баба за кога ќе се мажи (секако дека нема баба тоа да го дочека).  Телефонот пак, го имаше собрано од другата, покојна баба бидејќи ја зафати некоја инспирација да си го уреди станот како во него да живее французинка од 40тите. Мајка и живееше во вила во село заедно со (полу)братчето и 13,5 години помладиот  маж кој, по некоја случајност пред точно 6 години имаше афера со нејзината најдобра другарка Кали. Не, не најдобрата другарка на мајка и. Најдобрата другарка на Зоја.  А татко, којзнае каде е. Последен  пат и прати разгледница од Болоња на која со ситно – ситно имаше напишано ферман во кој порачува “да  се чуваш од старата и да ја слушаш што бамбори глупости, ама немој да стануваш  како неа” (како да и требаше некој да и го каже тоа) и оставил информации за убаво потрошеното време и пари во туѓината. Само зборови. Од плик со пари, ниту трага. Таа имаше видено неколку исти такви разгледници пратени до мајка и кои датираат непосредно од пред раѓањето на Зоја.
“Прво и основно, треба да се праша врховниот суд – Скопје…” Го стиша телевизорот и ја посматраше презентерката на вести како уплашено гледа  во мониторот…Не, не уплашено…Повеќе како силувано, па претепано, па закането со смрт – тип на уплашено. А, сепак така агресивен  израз на лицето и  отсечно роботизирано акцентирање по најмодерната Македонска граматика. Само што се упати кон купатилото да го игнорира постоењето на светот со помош на обавување хедонистички ритуали за нега на кожата, заѕвоне ѕвончето. “Ам’н!”- и беше реакцијата, по што со забрзано одење и разрипано срце  отиде да види  кој е.  ”Леле чекај издепилирана ли сум, смрдам ли, кој е  кој ли  е, леле ако е дечкото на Кали, што ли ќе го лажам,  од кај да знам што треба даму кажам, или да не е ….ЛЕЛЕ.” Се намршти  и со олеснување отвори. Мајка и и’ носи чиста постелнина. Небаре не знае да пере. Ја ислуша некои 15тина минути и на крај конечно и ја затвори вратата. А баш мислеше дека ќе ебне нешто вечер. Добро, барем има чиста постелнина за секој случај.
Конечно успеа да одвои време за себе и за неколку минути “Драг дневнику” време со својот мозок. Нешто ја мачеше околу тогашниот среќник кој ја имаше честа да и биде привремен живтен сопатник….

“Не  знам зошто, не смеам да мислам вака…Не смеам…Да бидам проѕирна……најубавата, најтоплата преграта на светот….супа од кокошка се правеше со јајца вајда….А што ако , всушност ммм, треба да го правам ова…пелени утре за малата… Не, не… нема шанси. Не е правилно.Не е и никогаш не бил тој-тој.Ниту пак,  мој. Ама сега е прекасно. А, тоа дека…Психологијата…Знаците… Да кријам емоции плус да фолирам љубов за ОПШТО ДОБРО… Мислам, не било правилно…Не би требало да е фер……Према…мене?(ах, а така  убаво мириса…) Или према него…Треба еднаш засекогаш да му кажам…Да им кажам…и на двајцата…Печено пиле заутре…Ма, какво кажување…Ах, кај е виното…”И пак ѕвонче. Пепелашка се тетерави кон вратата смрдејќи на витач и без да погледне во дупчето отвара. Пред неа, збунета и уплашена карпеста силуета. Влага внатре и ја гушка. Таа трепери. Тој седнува и и раскажува за проблемите со девојка му. Цела вечер се води тотално бесмислен разговор. Таа само клима со главата во полусознание – што од вино, што од нервоза.
“Еј…пред малку….Јас бев што ти ќутев…И  извини што ти дојдов во ниедно време без да ти кажам, ама…Немав како да те најдам, немаше телефон, не знам, си викам  ај да дојдам…”
“Хм?”
“Нема везе, не ме слушаш. Ај, да те оставам да одмориш.”
Тргна накај вратата и таа како затетеравено дете само го следеше. Во погледот и се гледаше секој некажан збор. Се осеќаше толку малодушно, како паразит или смола. Го гледаше за милисекунда и веднаш потоа си кажаа по едно брзоплето смотано “Се гледаме”.

 YouTube Preview Image

И така,можеби цел век…И следниот…И следниот…И векот по него.

Малку повеќе од вечноста станува дел од мојата бидност.

Стравот од попуштање на свеста е насекаде околу мене, без да сакам откривам дека вредам помалку од небањато маче. Помалку од гладно полуовенато кокиче.

Секој микрограм студ го осеќам како доаѓа и се вселува директно во моите дишни патишта, со намера да ми ги замрзне срцевите артерии.

Во секнатата река на зборови наслушнувам некогашни жуборења за подобро утре, а утре е веќе вчера, она вчера кое не донесе апсолутно никакви подобрувања.

Нема да спомнувам лица и дела, или пак имиња и настани. Ќе оставам неспознаеноста со случувањата и делувањата да тлее во мене, та јас сум човек на кој му е неопходен долготраен одмор и мир од сите гуни и збиднувања.

Ќе пропатувам малку низ формите и временските виуги за кои често луѓето зборуваат во научни книги и недобропроверени, надежни, но сомничави откритија.

Кога  ќе си веќе до гуша од лажни убедувања и ветувања, нема воопшто да те погодат неодобрувачките реакции од околината, или пак, човековата глупост и анималното дробење на резерви од туѓото разбирање без некоја логична цел, поткрепено само од несигурноста и стравот од пораз и срам, се’ поради желбата за надмоќ и углед стекнати во туѓите очи.

Драго другарче…

Би ми било многу драго доколку еден ден, еден, така многу убав, сончев и по малку ветровит ден. Баба ми подготви прекрасни, убави, најубави. Кога се враќав од училиште и бев четврто одделение, не знаев што е љубивање, погледнав со леснотија накај, се сопнав од, паднав на. Проолжив накај и оставив времето да.

Ете вака љубат да се изразуваат нашите умислени, нео-квази-хипици.

Како и да е, драго другарче, јас не ти судам што не ме разбра, туку напротив, ти честитам што мозочето ти алармираше дека недостасуваат клучните зборчиња што менуваат многу. Денешните сакам-да-бидам-едно-со-природата-а-не-знам-да-си-го-избришам-газот момички и момчиња оставаат на случајности да им ја определат насоката и попрво би оставиле на нивната неспособност за комуникација да ви направи ебење во мозокот, отколку да го употребат нивниот за да ја постигнат истата цел.

По илјадити пат ти велам, престани да бараш поента во моите зборови.

Уште малку

Нема да морам да се вртам наоколу како психопат кога сум излезена

Нема да мора да се грижам во секој момент што се случува со светот

Нема да сакам да знам ништо

Кога нема да има луѓе кои лажат дека ќе ти се јават

Кои лажат дека не го слушнале телефонот

Кои лажат дека не ти биле со типот

Кои лажат дека.

Нема да бидам одвратен антисоцијален намќор

Кој на другите им делува прилично одбивно

Кога нема секој втор Земјанин да живее во својата субјективна

индивидуална лицемерна и себична бајка

Кога нема секој сам да си простува на себе за гревовите

наместо да заслужи вистина и чиста совест

Кога нема некои гнаси да си го дадат газот за џоинт

наместо да седат со стари добри пријатели

Кога.

Те сакам, но не ми вреди

Кога нема да има повеќе од несвесно создадената вистина

Кога ќе избледи до крај

Ќе нема ништо освен порочен блуд

Темен, со тиња

Лажен, како тебе

Лесен, како мене

Погинат, како сите лажливи

Глув, како гладта за повеќе Моќ

А онаму кајшто завршува моќта

Започнува Мочта

Кајшто завршува мочта

Започнува моќта

.

Да драга, многу беше убаво од тебе што ми ги донесе колачињата. Седни си, драга. Двоседот е нов, испробај го. Сакаш чај? Во ред, колку шеќер?

КОГА ЌЕ СЕ РАСЦЕПИ СВЕТОТ НА ДВА ДЕЛА И ДЕЛОВИТЕ КОИ ТИ ТРЕБААТ НАЈВЕЌЕ СЕ НА ДРУГАТА СТРАНА, ТОА СЕ ВИКА ЉУБОВ.

Си била една срничка. Во шумичката секој ден си пиела водичка. Водичката била од една рекичка, а рекичката била до едни јаготки. На јаготките се собирале пчелки. Подлабоко во шумичката, бил шумскиот општински комитет. Уште подлабоко во шумичката, се наоѓал шумскиот универзитет. Во него можел да учи секој што сакал да научи нешто ново. Зајчињата не се фалеле со нови скапи патики за трчање и лисиците не се однесувале надмено зошто се од угледна фамилија лисички. Сите биле мирни и сложни. Пчелките го виделе сето ова и се договориле да се вратат кај јаготките и ако е срничката таму, да и раскажат за шумскиот соживот. Леткале, леткале, оделе од цветче на цветче, со часови се мачеле да го најдат патот назад. имсе причинило дека слушаат врева. Тргнале по гласовите. По некоја минута виделе дека се приближуваат до правото место. Рекичката била тука, јаготките исто така, а лево од нив имало две реазвревени зајчиња со срничката на носило. Збореле за лошиот ден и за лошиот чичко што дошол во шумичката со пушка.

Можеби во рајот има бесплатно школо?

Бо(л)и.

Сакам ништо да не те боли, да имаш насмевка, да ги сакаш другите, да го сакаш светот, да учиш, да бидеш добар, сакам ништо да не ме боли, да имам насмевка, да ги сакам другите, да го сакам светот, да учам, да бидам добра,  сакам да не сакам да бидам тажна, сакам да не сакаш да бидеш воздржан, сакам да не го сакам она што знам дека нема да ме одведе никаде, сакам да сакаш да си ги отвориш очите, сакам интензитет, а не слобода. Никогаш немав поим дека би ми недостасувал недостатокот на слобода.

Те повлеков како да не сакам да те прегази кола, се струполив наземи како да ме поткачило фиќо, настинав како да сум шетала цела ноќ по антарктикот, ама сепак.

-Пушти ме да си одам, гнасно, гнасно е овде и има мувла, не ми е јасно што воопшто јас би барала тука.

- Кога тебе ќе престане нешто да ти смета? Ти реков дека никогаш не сум те излажал, за ништо!

- Јас знам.

- Што знаеш?

- Дека ги лажеш другите.

- Добро. И сега?

- Епа знам.

-Аман, знај. И кога ќе престанеш да веруваш на сите, пак знај.

- И онака не верувам на никој.

- Епа браво. Баш тоа што ми треба.

- Тебе ти треба некој глуп. Јас не сум таква, за жал, а баш би сакала.

- Молам?

- Ај чао.

- Не , не чекај. Што?

- Чао, де.

Драга подискината тетратко,

Мене ми е многу жал што немав време деновиве да ти се посветам и да шкрткап во тебе. Се испостави дека сонцето заоѓа само тогаш кога небото е чисто, во спротивно заоѓањето се одвива во тајност, зад облаците, а со оглед на тоа дека облаците прават да не ни е видливо, можам слободно да кажам дека сонцето не постои за нашата буквалистичка глупава природа, кога надвор е прилично облачно. Сонцето, значи, сакајчи или несакајќи, си оформува еден вид на одбранбен механизам, во случајов облаците, за да би можело во приватноста на својата светлина и топлина да биде невидено. На сонцето му пречат многу работи, а не е ни самото свесно колку понекогаш знае да им пречи на сите. Кога го нема, ни фали многу, ама понекогаш е едноставно подобро да не постои. Тоа, понекогаш, нели.”

- Ти мене нема да ми судиш! Ти мене нема да ме ограничуваш! Ти мене,не! Не, ни случајно, ти! Ти си прекрасна, јас те сакам. Те сакам, но. Кога те гледам, сум толку збунет што мислам дека универзумот ми се смее на погледот, мислам дека е дури срамно да те гледам, срамно е да те допрам, но не ми е никаков проблем со мојата детска искреност да допрам до секоја твоја молекула и да те уништам со негрижа. Ти мене многу си ми чудна, можеби треба да престанеш со тоа недолично однесување. Кога и да те прашам што ти е, ја вртиш главата и молчиш, небаре јас треба да ти изигрувам детски психолог. Кога ќе размислам малку подобро, и да ми кажеш во што е проблемот, не ми ја олеснуваш многу работата. Никогаш немам решение и одговор на твоите прашања. Ама јас, јас сум толку збунет…Кај мене се е малечко. И предметите, и љубовта, и длабочината не е длабока кај мене, малку од неа можам да издржам, зошто, знаеш, гледам се да направам да продолжи да биде малечко. Можеби не сум свесен, а можеби и сум, дека ако продолжам така, ќе останам во некој неубав тесен меѓупростор, онаму кајшто им е местото на нано-луѓето. Можеби не сум свесен, но кога ќе станам свесен што се оставам на времето, среќата и случајноста, ветувам дека ќе пробам да размислам дали навистина треба да го правам истото. – Рече тој, подзамижа несвесно со очињата и и го сврте грбот за неколку секунди. Тоа беше една од ретките тишини. – Јас знам што правам! А зошто пак,не би знаел? Мислиш дека можеш да ми ги отвориш очите? – Ја погледна толку презирачки што на нејзе и се одживеа животот. – Кажи ми, мислиш дека можеш било што да промениш кај мене? – А таа само сакаше да му каже дека и значи се. – Што се обидуваш да направиш со однесувањето? Не, не те разбирам. Сега си ми лута. Добро. Јас ќе си одам. Само немој да речеш дека јас те оставив. – Сакаше да се сврти,но таа му ја потегна раката и го остави да стои покрај неа. – Што, што сакаш сега? Ќе ми кажеш ли барем нешто? Ме оставаш сам да зборам, глупаво е. -

Тралалалаблаблабла…..

Секако дека повторно ќе го остави сам да збори за се да биде глупаво. Секако дека нема да каже ништо. Само сакаше тој да е покрај неа, сакаше да е мирен, за да е мирна и таа, за да може да почне да зборува, наместо да брои начини на кои би можела да му ја затне муцката.

And still, I’d rather prefer it to see you be plain stupid.

Кога избегав vol.666

Зборам, многу, не престануам се додека не дојдам до работ на нервен слом или додека не ги доведам другите до работ на истиот. Пензионирана од младост, оперирана од ефтин маалски хумор, алергична на препотентност и понекогаш, преслепа да види нешто убаво. Понекогаш, само понекогаш.

Пред да го слушнам она што сакам, ја менувам темата на разговор и почнувам да зборам за времето и мачките. Пред да го добијам она што сакам се вртам на сосема друга страна кајшто е видливо полесно да се добие било што, иако не ми е по мерак. Подобро ќе гледам како живеат отколку да живеам и да посакам да умрам, подобро ќе останам тука и ќе слушам бесмислености отколку да ги кажувам и да се каам за тоа. Стариот за едно беше во право.  “Учи од туѓите грешки, не од своите.” Ама боли. Не сакам да учам нешто што знам.

На врвот од ритчето леталата си играат брканица.

Дали сме трезни доволно да согледаме дека среќата е апсолутен склоп на заслужени акциско – реакциски глупоштии?

Older Posts »